Од денес, во Бункер можете да ја набавите книгата „Македонскиот стрип во изданијата на новосадски ’Дневник‘“ на авторите Александар Стеванов, Дарко Богданов и Сашо Гачев. Во неа, како што впрочем открива самиот нејзин наслов, се опфатени стриповите на македонски автори објавени во мегапопуларните изданија на издавачкиот гигант „Дневник“ од Нови Сад, а воедно проанализирано е и културолошкото влијание кое што тие го имаат во Македонија и тоа долги години по нивното згаснување.
Оваа монографската публикација, која е отпечатена со делумна финансиска поддршка од фестивалот на креативни идустрии Скопје креатива, е составена од две главни целини, односно поглавја, во кои се пренесени стотици цитати дел од кои ексклузивно земени, а за полесна навигација содржи и индекс. Освен историјатот и фактографијата на објавените стрипови, истите преку 10 рецензии детално се разработени од визуелен и драматуршки аспект, а претставени се и насловните страници на повеќето од нив, како и некои од најрепрезентативните во нив цртежи.
Книгите посветени на македонската стрип-историја се неверојатно малку на број и во последниве речиси триесет години се објавени само две такви. Меѓу другото, токму затоа оваа публикација која изнесува на виделина некои досега непознати настани од македонското стриповско минато, претставува храбар чекор во насока кон надминување на таа ситуација и подигање барем за едно скалило повисоко на општествениот статус кој го има стрип-уметноста во Македонија.
Извор: