Ве известуваме дека во периодот од 11-16 мај 2010 г., во Кинотеката на Македонија ќе се одржи ретроспектива на чешкиот анимиран филм.
По тој повод предавања на тема “Историја на чешкиот анимиран филм “ ќе одржи м-р. Михаела Мертова, филмски историчар од Националниот филмски архив од Прага.
За анимираниот филм во Чешка
Кон крајот на мај 1945, една група млади аниматори произлезени од национализираното студио за анимиран филм го замолија Јиржи Трнка да ја преземе улогата на уметнички директор на судиото. Така се роди и студиото Братри в трику (“Bratri v triku” studio), а првите филмови изработени под уметничкиот надзор на Јиржи Трнка на повоениот чешки филм му дадоа нова уметничка перспектива и специфична поетика. И Јиржи Трнка брзо се прослави како творец на анимирани филмови. По неговиот прв филм ПОСАДИЛ ДЕДО РЕПА (Zasadil dedek repu/Grandpa planted a Beet, 1945), Трнка ги префрли своите активности во студиото за куклена анимација, многу посоодветна за реализација на неговите идеи. Кон крајот на 1946 г. го завршува ВИТЛЕЕМ (Betlem /Bethlehem), првиот дел од тоа што една година подоцна ќе прерасне во целовечерниот куклен филм ЧЕШКА ГОДИНА (Spalicek/The Czech Year). Куклената адаптација на Шекспировиот СОН НА ЛЕТНАТА НОЌ (Sen noci svatojanske/A Midsummer Night’s Dream) од 1959 г. е истовремено негов прв синемаскоп филм, но и последен долгометражен филм. РАКА (Ruka/The Hand, 1965), кој се смета за негов личен и уметнички тестамент, е неговиот последен авторски филм. Своите соработници – сценаристи, цртачи и уметници, камермани, аниматори, композитори, наратори, актери, монтажери итн. – Трнка ги бирал со големо внимание, на ист начин на кој со јасна идеја ги избирал темите, техниките и уметничките решенија за секој од своите филмови. Сепак, во сите негови дела може да се препознае специфичниот стил на Трнка. Повеќето од аниматорите и соработниците на Јиржи Трнка, како Бретислав Појар, Јиржи Брдецка, Станислав Латал, Зденек Сејдл, Власта Пошпишилова и други, подоцна режираа и свои анимирани филмови.
Кон крајот на 40-те години на минатиот век, во студиото Братри в трику беа изработени и филмовите Едуард Хофман, Зденек Милер, Јиржи Брдецка, подоцна и на режисерите Вацлав Бедрич, Зденек Сметана, Франтишек Виштичил и на тројката Мацурек-Борн-Дубрава.
Во 60-те години, на сцената се појавија и дипломците на Прашката школа за применети уметности, како Вацлав Мергл, Јиржи Барта, Павел Коуски, Микаела Павлатова итн.
Во 1958 година Јан Шванкмајер дипломира на Факултетот за кукларство на Академијата за изведувачки уметности и веднаш ја започна успешната кариера на големо име во чешката анимација. Филмовите на овој сестран автор –сликар, графичар, керамичар - не можат да се сместат во ниту една категорија. Неговите анимации се само еден од начините на кои тој креативно се изразува и во таа смисла истите треба да се вреднуваат. Впрочем, истото може да се каже и за Јиржи Трнка, Вацлав Мергл, Зденек Сејдл, Михаела Павлатова, Јиржи Барта и другите мајстори на чешката анимација.
http://www.okno.mk/node/5537via okno.mk