Денешен дневник,оддел култура:
Иако во последните неколку години бавно се движи во нагорна линија, македонската стрип-култура се' уште е недоволно развиена. Домашни изданија или преводи на популарните светски наслови речиси и нема. Неодамна во Велес се одржа седмиот „Стрип-салон“, една од ретките манифестации во земјава што се обидуваат да ја промовираат стрип-сцената во Македонија. Во државите од регионот овој аспект од културниот живот е развиен и поткрепен со многу домашни и актуелни странски изданија. Кај нас, пак, стрип-авторот Игор Јовчевски пред извесно време со свои финансии го објави првиот стрип.
За тие што се дел од стрип-културата и тоа е надеж за промоција на таа уметност и почеток на некакво домашно издаваштвото.
- Стрипот во Македонија секогаш се доживувал како евтина забава за деца. Луѓето попрво би фрлиле 50 или 100 денари на трач-списанија за да прочитаат каква неважна глупост направила некоја квазипозната личност од нашата „естрада“. Истите пари може да ги потрошат на парче уметност - вели Здравко Гиров, кој е дел од стрип-колективот „Тајфа арт“ и веќе шест години го црта неделниот стрип „Наш тин свет“ во списанието „Наш свет“.
СПЕЦИЈАЛИЗИРАНА ВЕБ-СТРАНИЦА
Михајло Димитриевски-Мичо, кој работи на „Еднооки“, укажува дека стрипот отсекогаш бил андерграунд-уметност, но тажното е што кај нас е „ептен андерграунд“. Тој вели дека повеќе внимание им се оддава на некои други „уметности“ како статуи на коњи, поп-музика, шпанско-турски серии и слично. Сепак, Димитриевски смета дека ситуацијата оди во нагорна линија, оти има се' повеќе автори што цртаат и работат на стрипови, илустрации и на анимации.
- Во Македонија одамна има стрип-автори, а дури мислам дека првиот стрип-автор во Романија бил Македонец. Сега се работи многу, а дел од нас се дружиме преку ден и разменуваме информации. Дел од комуникацијата се одвива и преку првата домашна специјализирана стрип-страница *њњњ.макстрипови.цом, која ја создадовме за да го приближиме стрипот до македонските автори и читатели. Кај нас има стрип-сцена, но таа допрва ќе се експонира - вели Мичо.
Домашната сцена е во една интересна ситуација, зашто стрип-авторите постојано соработуваат со странските стрип-куќи, а во нашата држава нема издавач.
- Имаше неколку неуспешни обиди за стрип-издаваштво, но никој не надмина десет изданија. Не сум сигурен кој бил проблемот, но претпоставувам дека во прашање е погрешен тајминг или погрешен избор на наслови. Имаше неколку обиди за реиздавање на странски стрипови на македонски јазик, но и тоа не беше многу успешно. За волја на вистината станува збор за стрипови кои своите први изданија ги имаа во 1964 година, па нивното реиздавање во денешно време во најмала рака е смешно. Идните издавачи на стрипови би требало малку да им се посветат на актуелните изданија, а за класиците ќе има време - смета Димитриевски.
ЗАМРЕНИ СПИСАНИЈА
Досега во Македонија имаше неколку домашни стрип-списанија како „Клик“, „Лифт“ и „Тотем“ што стекнаа култен статус. Никола Гелевски, директор на книгоиздателството „Темплум“, кое го издаваше „Лифт“, вели дека веќе не ја следи македонската стрип-сцена.
- Многу поважно од „Маргина“, каде што повремено објавуваме стрипови, беше списанието „Лифт“, специјализирано за стрип, кое почна да излегува во 1995 година и траеше неколку години низ своите 12 свески. Важноста на списанието во тој период беше голема бидејќи околу „Лифт“ се создаде мала сцена од десетина одлични стрип-автори. Најмногу поради нив е жално што „Лифт“ исчезна - вели Гелевски.
Тој не знае која е формулата за да заживее стрипот и додава дека ако знаел, „Лифт“ немало да исчезне. Гелевски бил заинтересиран за поуметничката и субверзивна форма на стрипот, која е помалку комерцијална.
- Стрипот ми се допаѓа токму поради неговата мултивалентност, флуидност, поради жанровскиот преплет - ем е уметност ем е презрив кон претенциозноста на уметноста, можеби како рокенролот - објаснува Гелевски.
Според познавачите, главен проблем е што кај нас недостигаат издавачи што ќе се интересираат за објава на автентични македонски стрипови.
- Кај нас има смешна ситуација, бидејќи поголем дел од македонските стрип-автори веќе работат за странски издавачи, па прашање на време е кога домашниот стрип ќе биде објавен како странско издание. Најпопуларна форма на стрипот кај нас е каиш или лента во дневните весници или во детските списанија - вели Димитриевски.
Гиров смета дека издавачите треба повеќе да се заинтересираат за издавање стрип-проекти, а родителите треба да ги внесат децата во таа култура купувајќи им стрипови.
- Стрипот може да биде алтернатива на забавата на компјутерите и е алатка со која може да се охрабри целокупниот развоен процес кај детето, бидејќи тоа ќе ги користи фантазијата, визуелизацијата и љубопитноста - вели Здравко Гиров од „Тајфа арт“.
АВТОРИТЕ ПОАКТИВНИ
Единствена организирана манифестација за промоција на стрипот кај нас е „Стрип-салонот“ во Велес, но проблем е што настанот се организира скромно, од самите вљубеници во уметноста. Авторите сметаат дека манифестациите поврзани со стрипот може да ги помрднат работите од ситуацијата на статус кво, но мора да се биде внимателен за да не се направи спротивен ефект.
Кога е во прашање иднината на македонскиот стрип, Гелевски смета дека ќе бидат потребни децении за ситуацијата да се извлече од „погубната националистичка и паланечка политика на сегашните опустошувачи“.
- Со луѓе што сакаат да го рестартираат часовникот на Музејот на град Скопје, со луѓе за кои грандоманските нациспоменици се културен шик, со такви луѓе (а тие не' предводат и диктираат се'!) тешко се влегува и во 20 век. Влезот во 21 век ќе остане обврска можеби за некои следни и поумни генерации Македонци - кои, меѓу другото, читале стрипови - смета Гелевски.
Надежта секогаш постои, вели Михајло Димитриевски, автор на цртежите во „Еднооки“. Тој се надева дека работите ќе се сменат и стрипот повторно ќе се актуализира.
- Македонските автори се се' поактивни така што е прашање на време кога стрипот кај нас ќе го најде заслуженото место. Барем за тие неколку стотини заљубеници во истиот и за помладите генерации што допрва треба да запливаат во стрип-водите - вели Димитриевски.
Здравко Гиров, пак, е уверен дека кај нас има добра и квалитетна сцена, но проблемот е што не е вреднувана.
- На Балканот, наши имиња како Михајло Димитриевски-Мичо, Игор Јовчевски, Ивица Спасовски, Александар Станковски, Атанас Ботев, Александар Сотировски, го уживаат угледот на квалитетни стрип-автори. Но, тоа е симптоматично за Македонците, па како што вели новокомпонираната македонска поговорка „Прво треба да станеш познат во Белград, па да те вреднуваат во Македонија“ - заклучува Гиров од стрип-колективот „Тајфа арт“.
Димитар Петрвоски
Наши цртачи надвор од земјава
На годинашниот „Стрип-салон“ во Велес, Томислав Османли доби признание за афирмација на оваа уметност во Македонија. Тој вели дека забележал оти кај нас има високопрофесионална селекција на стрип-автори.
- Некои од нив веќе имаат респективни практики на редовни соработки со угледни странски издавачи. Не се изненадив кога еден од нив рече дека работи за странство, а живее тука и дека кај нас не би било возможно да се живее од создавање стрип. Проблемот е што сме мала средина и што кај нас не е можен пазар на печатени изданија. Тоа важи и за стрипот, како и за литературата. И едната и другата творечка дисциплина се зависни од добрата волја на државата - вели Османли и додава дека многу би сакал да види државни конкурси за уметнички стрип-албуми на различни теми, од историски до научнофантастични.
Подготовка на ново издание
Томислав Османли сега соработува со стрип-авторот Александар Сотировски на ново издание.
- Александар Сотировски работи на албум според мое сценарио за стрип без зборови под наслов „Брод“, во кој се' ќе биде чисто стриповно дејствие. Станува збор за една негативна утопија исполнета со фарсична фантазија, а посветена на парадоксите на потрошувачкото општество. Таблите на Сотировски, кои неодамна ги видов, се едноставно речено сјајни. Очекувам значајна творба која ќе комуницира интернационално, но за која е неизвесно како воопшто ќе ја отпечатиме - вели Османли.
http://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=313A2 ... 84E339915C