Борче К. Илијоски, македонски стрип колекционер (
http://mn.mk/aktuelno/6610-Borce-K-Ilij ... olekcioner)
Борче К. Илијоски е прилепчанец кој што моментално, со својата сопруга и ќеркичка, живее во Штип. Тој по професија е дипломиран машински инжинер, но она што навистина е интересно за него е неговото хоби – стрип колекционерството.
1. Се сеќаваш ли кога беше твојот прв контакт со стрипот?- Интересот за стриповите ми го пренесе мојот покоен дедо, татко на мојата мајка. Се сеќавам многу добро дека, кога имав околу 10 години ми донесе стрип со Капетан Мики. Ме заинтересираа тие сликички и облачиња. За кратко време се вљубив во нив и ете таа љубов трае веќе 20 години.
borce-ilijoski
2. Што е тоа што тогаш те привлече кај нив?- Ме привлече начинот на кој што се пренесува приказната. Сликите преку кои се дава појасна слика за случувањата, облачињата во кои се раскажува дејството. Во тоа време читавме многу и разменувавме стрипови. Се сеќавам дека професорите во гимназија ни забрануваа да ги читаме поради тоа што, според нив, немале уметничка вредност. Но, нивните сатанизирања не успеаа да ме отргнат од стрипот, напротив. Читав и на нивните часови, Бонели форматот лесно можеше да се сокрие во учебниците.
3. Како ги набавуваш стриповите?- Она што сега се случува со стрипот е неспоредливо со едно време пред 15-20 години, кога тој беше многу подостапен. Вриеше од стрипови по трафиките. Четири до пет на секои 10 дена. И беше прилично достапен, евтин, можеше секој да си го дозволи. Денес стрипот станува луксуз, достапен за мал број на „зависници“ кои што по секоја цена мора да купат стрип. Изданијата се поскапи, со тоа и квалитетот е подигнат на повисоко ниво и не е лесно достапен.
Кај нас во Македонија веќе и го нема по трафиките. Го купуваме по разни канали. Или го нарачуваме по луѓе кои што патуваат за Србија или Хрватска, или пак преку Интернет. Како и да е тука, кај нас, стрип не може да се купи, како што на пример може да се купи книга. Има една стрип книжара во Скопје која е добро снабдена, ама за нас од другите градови, кои не сме од Скопје, и тоа е проблем. Па сепак, се снаоѓаме некако.
4. Постојат ли сè уште луѓе кои што со предрасуди гледаат кон читањето стрипови и сметаат дека тоа е несериозна работа наменета само за деца?- За жал сè уште, а посебно тука кај нас, постојат луѓе кои што го потценуваат стрипот, а и луѓето што читаат и купуваат стрипови знаат да ги направат ненормални. Многупати ми се случувале такви ситуации. На пример, продавачка во трафика ме направи будала кога виде дека давам 120 денари за стрип. Вели - за ова ќе дадеш 120 денари? За овие глупости? Или пак еден мој колега кој за малку и ќе ме истепаше, затоа што сум давал толку многу пари за стрипови.
Е па така е тоа, за една вечер во град ќе дадеме и 500 – 1000 денари и тоа е во ред. Ама да купиш стрип тоа не е во ред. Да гледаш турски и шпански серии, Планета ТВ, да слушаш турбо фолк, тоа е во ред, ама да читаш стрип не е. Искривен систем на вредности во секој случај.
А за тоа колкава е големина на стрипот ќе спомнам низ неколку примери. Во Јапонија од Манга стрипот се заработуваат милиони долари, сите Покемони кои сега се толку популарни се од стриповите. Во САД пак и да не правиме муабет. Само ќе ги споменам, Спајдермен, Капетан Америка, Супермен, Конан, Фантастичната Четворка, Бетмен. Култни филмови направени по стрип. И стрипот немал вредност? Е па не би рекол!
5. Засега колку стрипови брои твојата колекција?- Стрипови собирам од мојата 10-та година, но сериозно со колекционерство се занимавам од пред десетина години. Моментално имам преку 500 стрипови во мојата колекција. Претежно тоа се моите омилени Бонели стрипови, имам и Алан Форд, неизбежната Стрипотека...
Инаку моето уживање во нив, освен читањето е и да ги гледам подредени на полиците под број. Знам секој стрип точно на кое место стои, па кога некој би ми го преместил, веднаш знам. Мојата сопруга знае често да каже дека не е лесно да се живее со колекционер, ама сепак се снаоѓа некако со мене и мојата страст.
6. Дали ги имаш прочитано сите над 500 стрипови?- Се разбира. Бидејќи повеќето приказни се во продолжение и треба неколку месеци за да се комплетира целата приказна, често ги читам број по број, а кога ќе се комплетираат ги читам одново, односно ја читам целата приказна одеднаш. Ги имам прочитано и по неколку пати моите стрипови. На пример, си одбирам еден јунак, одбирам една серија на стрипови од него и ги читам така цела вечер. Интересно е тоа дека кога еднаш ќе се заљубиш во нив, не можеш никогаш повеќе да ги оставиш.
7. Кој од нив ти е најдраг?- Најдраг стрип... Па ги има повеќе. Прво феноменалниот Алан Форд, неговата комедија, иронија и сарказам со кои што го исмева целиот систем. Само како пример ќе го споменам Суперхик, антихеројот од Алан Форд, кој што замислете краде од сиромашните за да им даде на богатите! Нели ви алудира тоа на нешто! Потоа тука морам да ги споменам Бонелиевците Загор и Текс, како и феноменалните Приказни од Дивиот Запад.
Посебно како приказна мене ми е најдраг „Демон на лудило“, од серијалот со Загор, со неверојатно доброто сценарио на Тицијано Склави, творецот на Дилан Дог и со одличниот цртеж на Галиено Фери. Стрип со кој според мене требаше и да се заврши серијалот со Загор. Но комерцијалата и профитот од овој стрип јунак не дозволија тој да се повлече од стрип сцената триумфално.
8. До каде, според тебе, е македонската стрип сцена?- Па не знам што да кажам во врска со оваа наша стрип сцена. Стрип автори има и работат, создаваат, но сето тоа е инцидентно и нема ништо во континуитет. Има одличен стрип форум кој што ги собра сите стрип љубители во Македонија. Наши стрип автори имаат успех и добиваат награди и надвор од земјава, се издава едно стрип списание, кое ако не се лажам излегува околу две години.
Имаше обид и за издавање на Бонели стриповите на македонски јазик, но за жал и тоа помина неуспешно. Кога сè ќе се собере и одземе, после еден длабок јаз од околу 15 години во девеесеттите и почетокот на новиот милениум, сега малку од малку македонската стрип сцена се придвижи, но има уште многу што да се направи.
9. Има ли во Македонија и други колекционери на стрипови?- Кај нас постојат колекционери на стрипови. За среќа сè уште нè има. Претежно комуницираме преку Интернет форумите, но и се гледаме во живо. Јас овде во Штип познавам неколкумина со кои што и контактирам. Ги има неколкумина и во Прилеп. Не сме многу, но нè има.
Денес нема веќе размена на стрипови, станаа премногу скапи и луксузни за човек да се менува. Само би ги споменал на пример, првите броеви на Супермен кои што достигнаа милионски суми за само еден број. И тука кај нас една колекција со Загор од 300 броја, чини околу 5–6 000 евра. Или пак, првиот издаден стрип од новосадскиот Дневник, може да достигне цена и преку 1000 евра.
10. Имаш ли некаква порака за читателите на Македонска Нација?- Стрипот, деветтата уметност, е едно од најубавите работи кои што ми се имаат случено во животот. Стрипот ми пренесе еден свет на убави приказни и убави соништа, свет на фантазија, но и свет на реалност. На секому би му препорачал да прочита барем еден стрип.
А.С.