Станува збор за една книга или текст на македонскиот писател Томислав Османли,кој е најверојатно,единствен стрип-антологист досега во Македонија
ГОлем дел на податоци за и околу стрипот кај нас можат да се најдат во неговата книга "Стрип,запис со човечки лик" која е во издание на издавачката куќа култура,и е издадена во далечната 1987 година.Затоа се изоставени огромен дел на автори кои работат од тогаш па наваму.
Еве дел од текстот:
Томислав Османли
Развојот на стрипот во Македонија –
СЕДУМ ДЕЦЕНИИ СТРИПОВНО ТВОРЕШТВО
Погледнат низ неговата светско-историска перспектива,
стрипот е особен медиум пред сè поради својството,
едновремено да биде израз на модерните, дури и авангардни
пројави, да е уметнички израз кој е во перманентна борба за
докажување на своите уметнички потенцијали и особености, а
од друга страна, да се остварува и како медиумски јазик во
исклучително долга, повеќемилениумска употреба во
историското наследство речиси на сите, па така и на
македонската културна почва.
Како вербо-визуелен медиум, стрипот во суштина носи
древен јазик на ликовно изразување, јазик чии раскошни
траги на нашето тло ги забележуваме во историското
наследство на фреско-сликарството и иконопиство, во
библиските претстави, но и нарации по ѕидовите на нашите
манастири и цркви или во житиските икони со ликовните
деликции на драматичните и чудесни биографии на
светителите. Без оглед на тоа вековно присуство на
сакралниот тип на вербо-визуелната нарација во нашата
средина, современиот, печатен стрип, долго време пошироко
не се препознавал како носител на тие својства и потенцијали.
Тој функционирал како популарно рото-творештво за
широките маси, или како модернистичка фасцинација за
авангардните духови на времето кога за првпат се појавува.
Под влијанието на деветнаесетвековното, „класично",
„парнасовско" поимање на уметностите, дури и во меѓувоениот
период кога со публикациите се донесуваат странски и
меѓувоените југословенски стрип-творби, а исто така и
подоцна, по ослободувањето, стрипот е маргинализирана
дисциплина на која не и се припишува достоинството на една
можна, нова графички и печатарски посредувана, уметничка
дисциплина.
Академски отфрлен, тој меѓутоа, станува прифатен од
широката популација на младите луѓе, пред сè консументи, а
паралелно со тоа и први стрип автори, кои во него ги наоѓаат
не само вредностите на еден авантуристички свет својствен на
младешката фантазија, туку уште и поривот кон футуристички
и разновидни еманципаторски мечтаења. Младите читатели и
стрип автори беа тие што го препознаа јазикот на стрипот
како разбирлив ликовен јазик, произлезен од културната
матрица и наследство на кои им припаѓаме, но и како
графички обновен медиум со огромни изразни и
комуникациски потенцијали.
Можеби најмаркантно таа противречна и затоа бизарна
естетска и медиумска позиција на „деветтата уметност" на
нашиот простор, ја изразува токму историјата на македонскиот
стрип. Линијата на тој развиток во нашиот културен простор,
имено, бележи барем три нагорни точки, во речиси
седумдеценискиот развој на стриповската свест и творештво
на македонско тло. Тоа се всушност врвовите кога 6ележиме
актуелност и живо присуство на стриповното творештво во
нашата средина.
Првата од тие три фази на медиумската актуелност е
поместена во периодот пред ослободувањето и, всушност, се
совпаѓа со првите побитни контакти на југословенското
читателство, во тие рамки и на припадниците на младата
генерција проследувачи, љубители и, конечно, автори, со
фасцинантниот феномен на „деветтата уметност" што ја
популаризирале низа детски и специјализирани списанија кои
на почетокот донесуваат бројни странски, а потоа и домашни
стрип остварувања (најмногу од припадниците на т.н.
„Белградски круг": Ѓорѓе Лабачев, Никола Навојев, Сергеј
Соловјев и Кузњецов).
Првиот југословенски стрип, чијшто прототип е
Дирксовата стрип-серија за „Бим и Бум", 1932 година за
хумористичкиот весник „Коприве" го работи загрепскиот
карикатурист Мироновиќ, насловувајќи го „Макс и Максиќ", а
веќе две години подоцна, легендарниот Андрија Мауровиќ во
весникот „Око" го објавува својот стрип со научно
фантастична тема, точно година дена по светската премиера
на Рејмондовиот „Флаш Гордон". Во таа ситуација, порастот на
популарноста на стрипот особено меѓу младите генерации е
така евидентен, што стрипот станува вистинска творечка
опсесија на низа млади даровити цртачи, како на пример, во
случајот на петнаесетгодишниот Жика Митровиќ (подоцна
познат филмски режисер со битни придонеси и во
македонскиот игран филм, којшто на овој период, и во однос
на првите пробиви на стрипот, ги прави реминисценциите во
својот носталгички филм од осумдесеттите насловен „Сава-
мала"). Неговиот младешки стрип „Духот на преријата", во
девет продолженија го објавува белградскиот весник „Паја
Патак" 1938-та година.
Во таа ситуација стрипот добива на актуелност и меѓу
средношколците во Македонија, па така, овој медиум станува
средство на творечко изразување и меѓу нив. Иако поопсежно
истражување на овој период од развојот на стрипот на нашиот
простор се уште не е извршено, веќе располагаме со едно
остварување преобјавено во една средношколска публикација
во Скопје и тоа уште во - дури и за тогашната југословенската
стрип-ситуација - „раната" 1937 година, на коешто ни укажа
музикологот Јелица Тодорчевска. Станува збор за стрипот на
ученикот Жељко Книвалд од VII-4 клас на тогашната Втора
машка гимназија од Скопје, препечатен во Извештајот за
училишната 1937-38 година (што во НУБ „Св. Климент
Охридски" е регистриран под бр. II 10018/1937-8). Како што
читаме во спомнатиот извештај овој стрип, инаку, е отпечатен
во петтиот број на „органот на културно-литерарната дружина
„Бранислав Нушиќ", ѕидниот весник „За нас и о нама", кој
бил „печатен во 13 примероци, така што покрај примероците
кои се испраќани во Министерството за просвета и во
Бановината, останувал извесен број примероци за
гимназиската и дружинската архива". Овој печатен ѕиден
весник излегувал на 8 страници, бил исполнет со илустрации
што покрај Книвалд ги подготвувал уште и Слободан
Попов(иќ), а стрипот бил редовно објавуван на последната
страница. Во својот „Извештај за работата на ѕидниот весник
'За нас и о нама', претседателот на Културно-литературната
дружина „Бранислав Нушиќ", тогашниот ученик на VIII клас,
Петар Тофовиќ (подоцна професор на Медицинскиот факултет
и наш познат неврохирург, но и културен сподвижник меѓу чии
најзначајни придонеси останува иницијативата за основањето
на нашата најреномирана летна манифестација, „Охридско
лето"). Младиот Тофовиќ, меѓу другото тогаш пишува:
„…Покрај овие трудови во весникот излегуваа и цртежи
кои беа 32 на број, од кои: 4 карикатури, 15 илустрации на
текстови, 1 линорез, 7 хумористични композиции и 5 стрипови.
Меѓу овие трудови особено се забележани трудовите на
Слободан Поповиќ, VII кл. и на Желимир Книвалд, VIII кл......
Целиот текс можете да го Симните овде http://www.filedropper.com/osmanlistrip_1