SPAWNВо почетокот на девеесетите години, на стрип сцената се појавува нов лик, мрачниот антихерој –
Спон. Креација на младиот
Тод МекФарлејн, кој до тогаш своето искуство го стекнува работејќи за главните играчи на стрип-терените, Marvel и DC. Поради несогласувања со одредени структури во Marvel, МекФарлејн се решава за храбар чекор, ја напушта компанијата и основа своја, Image Comics.
Spawn, идеја на МекФарлејн уште од раните средношколски денови, го доживува своето прво издание во Јуни 1992.
Spawn доживува инстантен успех. Првиот број е продаден во 1.7 милиони примероци, рекорд, кој до денес не е надминат од друга независна компанија. МекФарлејн се здобива со уште поголема армија на фанови, а во редовите на
Spawn регрутира имиња како
Алан Мур, Френк Милер, Нил Гејман, Грент Морисон и неприкосновениот
Грег Капуло, според мене, најдобриот цртач кој некогаш работел на
Spawn. Популарноста на
Spawn расте со секое ново издание, па во годините што следат, Image Comics издаваат еден куп спин-оф стрипови од ликовите кои се појавуваат во оргиналниот стрип. Подоцна,
Spawn се здобива со преубава анимирана серија и една ужасна филмска адаптација, која поради малиот буџет и ограничувањата наметнати од студиото е тоа што е. Се случуваат и игри, фигури и бројни изданија настрана од канонската приказна, потпишани од многу познати автори.
Успехот на Спон како лик се должи на неговата неконвенционална природа и авангардна реализација. Стрипот се одликува со искучително мрачна атмосфера, сериозно сценарио и малку необичен стил на цртање. Во тој период, отскокнува од се останато на пазарот. Спон е всушност инкарнација на Ал Симонс, платен убиец кој откако е наместен и убиен од неговите луѓе, завршува во Пеколот. Поради љубовта спрема неговата сопруга Ванда, Симонс склучува сомнителен договор со мрачните сили, се согласува да стане роб на Пеколот, за возврат да може да ја види неговата сакана. Симонс е изигран, вратен на Земјата пет години во иднината како
Hellspawn, битие со натприродни сили, моќен симбионт, окован во ланци од Пеколот. Ванда е оженета со неговиот најдобар пријател Тери и имаат мала ќерка. Спон, во болка и агонија го врти грбот на Пеколот, одбивајќи да биде роб, и тргнува да се одмазди на оние кои се одговорни за неговата смрт. За работите да бидат покомплицирани, Рајот испраќа ангели-ловци кои се на Земјата за да го убијат. Притиснат од сите страни, Спон единственото прибежиште го наоѓа во валканите сокаци на Њу Јорк, придружуван од бездомници и еден крајно сомнителен старец, Колиостро.
Во почетокот, Спон се бори против разни криминалци, парелелно со некои натприродни сили, а како главен непријател се појавува Кловнот, кој е всушност демон со многу поголема моќ од таа што ја покажува. Приказната со години се движи кон една точка, која кулминира со Армагедон, комплетно уништување на Земјата. По ова, правецот на стрипот е доведен до критична точка. Многумина, вклучувајќи ме и мене, веруваа дека стрипот нема повеќе да прави смисла. По Армагедон aркот, се појавува
Gunslinger Spawn, приказна која нема никаква врска со моменталната ситуација, туку раскажува приказна за претходен
Hellspawn, на Дивиот Запад. Во оргиналната временска линија, Спон успева да ја “рестартира” Земјата, се е како претходно, никој не се сеќава што всушност се случувало, за војната помеѓу Рајот и Пеколот. Следува низа на досадни приказни, кои завршуваат интересно, но и со смртта на Ал Симонс...
Ал Симонс е мртов. Започнува нова ера во
Spawn стрипот, аркот наречен
Endgame. Симбионтот се префрла кај Џим Даунинг, пациент кој е со години во кома. Покрај тоа што се враќаат старите ликови, се враќаат и еден куп стари автори и стрипот е конечно освежен и започнува да си го враќа сјајот од девеесетите.