„Остен“ утревечер ќе ја отвори изложбата на дела пристигнати на 39. Светска галерија на карикатури, кога ќе бидат прогласени и авторите на најдобрите трудови.
Организаторот на изложбата Мице Јанкуловски на прес-конференција соопшти дека годинава пристигнале 880 карикатури од 408 автори од 64 држави.
Има три први награди - за карикатура ја добива Цочо Пеев од Бугарија, за сатиричен цртеж - Макмудјон Ешонкулов од Узбекистан и за стрип - Хамидреза Мосајеби од Иран. Наградата е парична и изнесува по 1.000 долари.
Специјални награди (плакети) ќе добијат десет автори, меѓу кои двајца се од Македонија - Никола Ангелкоски и Миле Манчевски.
Изложбата на карикатурите, ќе биде отворена утревечер во галеријата „Остен“, а селекцијата на овие дела е објавена и во посебен каталог.