Море мамето да му го оплеменам...ево еден убаф текс:
„Уставот го поттикнува творештвото, а најкреативните поединци ќе се казнуваат со придонеси за хонорари“ – ВАЛЕНТИН ПЕПЕЉУГОСКИ, адвокат и професор
Издвојуваме
inShare
Новите придонеси за хонорарите се дестимулирачки и казнувачки за најкреативните поединци во општеството, а тоа е спротивно на уставните определби за потткнување на творештвото. Слободата на договарањето е света работа, а високите казни ги занемаруваат принципите на едукативна и поправна функција на казните. За промена на менталитетот е потребна едукација, а не репресија, вели за Академик адвокатот Валентин Пепељугоски, кој е и универзитетски професор и долгогодишен истражувач на авторското право, индустриската сопственост и облигационите односи како негова потесна практична и научна специјалност.
Уставот го поттикнува творештвото, а најкреативните поединци се „казнуваат“ со придонеси за хонорари
„Предложените измени на сетот на закони, а во врска со придонесите за хонорарите, од повеќе аспекти се најблаго речено – недоречени. И тоа од аспект на облигационото право, од аспект на авторското право, од аспект на граѓанското право, од аспект на трудовото право и од аспект на уставното право. Значи, се засега речиси во целиот правен систем, ако го тргнеме кривичното право. Што е посреди? Нашата држава во Уставот има предвидено дека ќе го поттикнува творештвото на граѓаните и ќе го заштитува творештвото на граѓаните. Значи, ако ние сакаме да го поттикнеме творештвото на граѓаните, тоа не можеме да го направиме со зголемување на данокот на најкреативните поединци на општеството. На ваков начин, ние ќе ги казниме нив. Ќе се согласиме дека тука ќе биде најмногу обесправена културата и културните работници. Дали ќе бидат тоа сликари, актери, вајари, режисери, пејачи, уметници, композитори, сите тие тие ќе бидат приморани на крајот од годината да доплаќаат односно да платат 35 проценти од она што го оствариле. Неслучајно досега овој данок беше 10 проценти и на ваков начин фактички се оставеше можност и простор за креативните поедници, а ние сме држава и народ кој е многу креативен. Впрочем, и Владата и министерството за култура, многу често тоа го истакнуваат дека ние не можеме да се пофалиме со висока технологија, туку можеме да се пофалиме со креации кои се заштитени како авторски дела. Ние, преносно кажано, нив најмногу ги „извезуваме“. Затоа ова сигурно ќе делува негативно кај овие поединци. Основно е што тие ќе бидат дестимулирани да создаваат. Од друга страна, ако се боревме да влезат одредени средства за поголемо творештво со што би се правеле македонски филмови и музика и ако Владата од една страна субвенционира правење на македонски песни, сега од друга страна што е ова што се случува? Им го зема тоа што им го дава на креативните поединци!“ вели адвокатот проф. д-р Валентин Пепељугоски. Професорот истакнува дека новите решенија за придонесите за хонорари, генерираат и проблеми од трудово-правна природа.
Авторско дело од работен однос
„Можам да кажам и гледано од уставното начело од кое што тргнав, дека тука имаме еден голем и сериозен проблем во однос на креативните поединци. Од друга страна, пак, ние имаме институт во авторското право, а и во правото на индустриска сопственост, значи институтот – авторско дело од работен однос. Нели ако имаме авторско дело од работен однос, создадено во работен однос, тоа му припаѓа на работодавачот 5 години и потоа може да го користи работникот, односно оној кој го создал. За ова работодавачот има право да го награди тој поединец, законот ја оставил таа можност да може да го награди тој работник. И сега што се случува: Вие му велите дека не можете да го наградувате штом е вработен кај вас, односно штом е вработен, тој износ треба да е во тие 35 проценти. Исто така, на полето на трудовото право, тука исто така има недоречености и огромни контрадикторности. Од кој аспект? Значи јас сум остварил одреден приход како вработен во некоја фирма. А, овие 35 проценти нема да влезат во мојата пензиската основица, туку влегуваат во купот, мораат да влезат во купот. И сега тука, се поставува прашањето дека она што јас сум го остварил, сега мене ми се зема. Сега може некој ќе рече, ама знаете, сепак тука сега е принципот на солидарност. Да, јас немам никаков проблем со принципот на солидарност, но зошто на овој начин, начинот е проблематичен“, смета професорот.
Зошто не се креираа фондови за посебни намени, инаку во купот парите ќе се „стопат“
Тој вели дека ако веќе придонесите се наменуваат за социјални функции, тогаш потребно би било да постои и поголема транспарентност затоа што не се знае, каде овие пари, како што потенцира, би се „стопиле“.
„Ако веќе велиме дека ќе оди во средствата за придонеси во пензиско, инвалидско, социјално осигурување и да се создаваат фондови зошто тогаш овие средства не одат во посебни фондови за точно определени цели за социјални категории и вработување на млади луѓе, па да знаеме зошто и каде се отидени и која е нивната намена. Вака се губи трагот на парите, ќе располага некој со тие пари и тие ќе се „стопат“. Немам јас алузија дека некој ќе ги украде, да се разбереме, но мислам дека нема да одат за таа намена за што се предвидени.Тоа се мои средства, не може некој да ми ги земе, јас сум ги остварил, тоа е мој труд и апсолутно со ова се прекршува и друго уставно начело. Морам да кажам дека не можам да избегам од чувството дека фактички се сака да се направи еден данок 10 проценти, а друг 35 проценти, демек сака да се каже дека оние што повеќе остваруваат повеќе да платат, но нека го кажат тоа така подобро. Сме имале во минатото таков систем. Но, нека се каже која е интенцијата. Инаку, како потврда за тоа дека на ваков начин креативните поедници ќе бидат дестимулирани, ќе ви кажам пример на реакции од мои пријатели и колеги од Словенија и Хрватска кои велат – не сакам да работам зошто не сакам да дадам на државата толкав износ. Не ми се исплаќа за толку малку пари да работам. Образложувам пример дека ова нема да придонесе креативниот поединец да се мотивира, туку ќе дестимулира, тоа е повеќе од јасно. Знаете, на крајот на денот, секој ќе си рече – не ми се исплаќа за толку малку пари да работам“, образложува професорот.
Ќе се поттикне работата на црно
Според Пепељугоски, во оваа насока има и друг проблем кој не ја следи реалноста и создава опасност во делот на поттикнување на работата „на црно“.
„Се образложува дека одредени решенија биле за да се вработат млади луѓе, но како тоа би се реализирало кога за одреден ангажман е потребен авторски труд од стручни поединци со искуство и дополнителни квалификации. Да се разбереме како функционира тоа во реалноста – оној кој бара експерт, не бара невработен млад човек, туку бара човек со соодветно експертско мислење. Значи, не е ова модел кој би го решил тоа прашање. И секако, последната опасност е што ќе се зголеми работата на црно. Ќе се вадат пари на ваков или онаков начин. Знам што ќе се случи сега. Едноставно сите ќе пријавуваат повеќе профит и ќе ги влечат тие пари и во кеш и ќе им плаќаат на ангажираните лица. Десет посто плаќа фирмата на кеш, десет посто плаќа оној кој ги зема тие пари и така се завршува приказната. Тоа е исто така еден модус, кој јас очекувам дека ќе се случи низ праксата“, смета Пепељугоски, кој дополнително укажува и на недоследностите на решенијата во однос на адвокатските приправници.
Адвокатски приправници или волонтери?
„Исто така, еве во адвокатурата имаме приправнци, кои ги пријавуваме во Адвокатска комора, добиваат членска картичка итн. Сега на ваков начин ме ограничуваат да не можам да им платам јас. Ако сакам повеќе да им платам на тие приправници, нема да можам. Тие викаат волонтери, ама јас го разбирам тоа само во државната управа, а не волонтер во приватниот сектор. И што се приправниците, волонтери ли се или не, а во ЗРО патем се регулира и привремена и пробна работа, а има и законски прописи за волонтерство. Крајно недоречена состојба и контрадикторна. Во таа насока, многу ми смета што се гледа кон приватниот сектор како криминализиран сектор кој ги крши законите, а во јавниот сектор се е „совршено“, вели професорот, кој понатаму се осврнува и за „изземањето“ на судиите од придонесите за хонорари.
Судии, обвинители, државни функционери со договор за дело до поголема плата
„Интересна е одредбата – не важи за судии, обвинители, државни функционери. Ослободени се за, како што се вели, за други договори. Видете, судијата по редот на нештата не смее да остварува приходи од друго место, без да добие одобрение од Судски совет. Исто е и со државните функционери во поглед на одредбата. И што ќе правиме сега, со договор за дело ќе им се зголемуваат платите? А, дека законските решенија се недоречени, се гледа и во тоа „други договори“, кои се тие други договори? Не е битно како се вика договорот, според нашата пракса и прописи, ние ја цениме содржината на договорот. Може да се нарекува договор за градење, а да му исплатиме авторски хонорари. Малку карикирам, но има нелогичности. Затоа треба да се знае за кои договори се мисли или пак се мисли на сите договори или пак оние според Законот за облигациони односи? Нека ги специфицираат. Треба да се знае дека ако има нешто спорно околу ова секако ќе заврши на суд, УЈП може ќе рече ова е таков договор, меѓутоа на крајот судот утврдува дали е тој договор или не е тој. Во нашиот правен систем сите знаеме дека договорите не се ценат според називот, туку според содржината. Оттука, евидентно е дека многу е недоречен законот, имаа доволно време да го порават, што би се рекло народски, малку да се стегне, номотехнички да се дотера, инаку ваков каков што е остава голема недоумица, но и огромна дестимулација“, истакнува професорот.
Слободата на договарањето е света работа
Адвокатот и професор Пепељугоски го анализира и прашањето за зголемувањето на улогата на државата низ домицилните законски текстови, како и евидентното зголемување и застапеност на казните низ македонското законодавство во последниве години.
„Ако гледаме години наназад, мислам дека во нашите закони се повеќе и повеќе се зголемува улогата на државата. Ми се чини дека вакво мешање на државата не сме имале ни во времето на социјализмот, познат во теоријата како етатистички социјализам. Слободата на договарањето е света работа. Како сме тргнaле во секој деловен однос државата ќе биде како трет партнер, не треба да се меша таму каде не и е работа. Има една поговорка „Аман не ме брани“ што ја отсликува оваа ситуација кога државата на независни деловни субјекти им ги регулира односите, како што е примерот со задолжницата“, вели професорот, кој укажува и на проблематичноста на казнената политика во контекст на законодавството.
Прекршокот е парично повисоко казнуван од кривичното дело
„Како проблем во овој дел, основно е што треба да се направи еден пречистен текст за Кривичниот законик, како многу менуван закон. Казните многу често се менуваат, се додаваат во законските текстови, а во еден правен систем – најтешките дела се кривичните дела и тие најтешко се казнуваат – и парично. Ние, последниве години, направивме систем каде што прекршокот е многу повисоко казнуван, финансиски зборувам, отколку кривичното дело. Условно земено, за кривично дело може да се помине со казна 15 илјади денари, а ретко која казна од овие нови што се воведени како прекршоци е толку. Не е целта на казнувањето да го уништите субјектот. Која е целта на казната? Целта на казната е едукативна, поправна и репресивна. Кај нас ако те казнат 500 евра, единствена казна е репресивната, друга нема во толкава сума. Не е едукативна казна, ниту поправна, кога ќе те уништат како субјект. Фирми немаат да платат, чекаат отворање на стечајна постапка. И сега наместо фирмата да егзистира и понатаму да работи, да продуцира и да остварува и приходи за државата преку даноци, вие ја уништувате. Ако беше казната 100 евра на пример, ќе ја платеше фирмата. Вака со што ќе плати, посебно помалите фирми. На ваков начин ги тераме луѓето да не ги плаќаат казните и ако сакаме да ги извршиме казните треба да ги натераме да вршат некоја социјално корисна работа или да ги пратиме во затвор да лежат ден глоба, а толкави капацитети на затвори немаме – навистина е смешно дека некој мисли дека само со казни ќе ја среди состојбата во државата“, нагласува Пепељугоски.
Правилник за прекршочните казни
Тој предлага дека за казнувањето на субјектите, треба да се донесе своевиден Правилник со кој би се уредило прашањето на прекршочните казни, но кој во себе ќе ги интегрира едукативната и поправната функција.
„Требаше и треба во сите закони да се стави следното: првиот пат добивате опомена, вториот пат минимална казна, третиот пат максимална казна. Па не можете да речете дека не сте имале време за поправка. Ако има Правилник за определување на казните во кривичното право, зошто не и тука. Се разбира и таа минимална да има рамка од еден износ до друг како минимална и максимална казна. Исто така, во однос на казните тука треба да се води сметка и за менталитетот на народот, тој не се менува преку ноќ. Потребна е едукација, години и да се почне од најмали нозе, потребна е работа со генерации. Да, јас кажувам, казнувањето помага, но не е исклучиво репресивна функција, многу е важна едукативната, особено за менталитетот“, објаснува Пепељугоски.
Законите се носат преку ноќ
Според него, исто така, проблем е што во Македонија многу брзо се носат законите без суштинска дебата, ниту пак анализа, а вклученоста на професорите по право со свои сугестии е вистинска реткост.
„Неслучајно во европски службени гласила се објавуваат нацртите на законите и какви биле дискусиите на пратениците и како ја толкувале нормата тие што го предлагале за да се знае кој каков став имал и како е толкувана нормата. Со тоа ќе се помогне на граѓаните и на судиите кои треба да го применуваат и толкуваат законот. Мора да се води многу сметка. Во нашиот правен систем влегоа многу елементи од различни системи. И не зборам само за англо-саксонски и континентален модел. Значи имаме сегментирани елементи од австрискиот-германско-швајцарски континентален модел, а други од францускиот континентален модел. Ако се земе од еден, да се прави таков до крај. И тука не може да се експериментира. Во еден закон еден институт е на еден начин дефиниран, а во друг сосема подруго. Тоа создава не само забуна, туку и противречност и секако, проблеми низ праксата“, вели професорот кој псочува дека и покрај тоа што во Македонија има солиден кадар кој може да даде извонредни сугестии при структуирањето на законите, тој е игнориран.
Професорскиот кадар е игнориран за сугестии
„Има професорски кадар во Македонија кој е ценет, не само во регионот, туку во Европа, како во Германија или Франција, Англија итн. И сега ние тие луѓе не ги прашуваме за законски решенија, а тие професори ги следат најактуелните трендови во правото, разменуваат мислења и искуства со колеги, од голема полза се општо за развојот на правната наука, која секогаш треба да е вклучена за подобрување на практиката и легислативата. Или ако ги прашуваме тие имаат црвена линија, и сега наместо тоа да се почитува, вие ги доведувате во ситуација дека се против системот. Не негирам дека има професори кои се членови на партии, но ако мислењето им се совпаѓа со другите, зошто тоа мислење да не се почитува. На крајот од денот, судиите и адвокатите по природата на нештата треба да се конзеравтивни, но професорите може да дадат пошироко видување, но судијата и адвокатотот не, тие мора да гледаат право и да ја толкуваат нормата онаква каква што е. Сепак, карактеристично и за правниците е да бидат критични, тоа е една од одликите на критичкото правно мислење“, вели Пепељугоски.
Пресудите како дел од учебниците по право
Како професор и адвокат, Пепељугоски резимира дека на теоријата и е потребна праксата и обратно, а нему лично тоа многу му помага и како теоретичар и како практичар. Тој апелира дека во македонските учебници по право треба повеќе простор и посветеност за судската пракса, затоа што има што да се научи, особено од онаа на Европскиот суд за човекови права.
„Мене ми помага теоријата во праксата и обратно. Јас кога пишувам како адвокат, многу често ги користам оние институти кои теоретски се елаборирани. Професорот оди малку надвор од нормата, но адвокатот мора да оди точно кон нормата. Кога разговарам со колегите надвор од Македонија, а во последно време и во нашава држава се забележува тоа мислење, дека голема предност е кога имате теорија и пракса кои се надополнуваат, а тоа особено е важно и во стадиумот на образованието. Но, исто така, ми се случило да забележам институти кои на еден начин се елаборирани во теоријата, а поинаку да се применуваат во пракса. Во таа насока, факт е дека во нашите учебници многу малку се користат пресудите како дел од образовниот материјал. Но, пресудите не само што таму што треба да се практика, туку и самите судии треба да ги следат особено пресудите од Европскиот суд на правдата и Европскиот суд за човекови права“, резимира професорот Валентин Пепељугоски.
http://www.akademik.mk/ustavot-go-potti ... i-profesor