Стрип колумна- Brian’s Dog House!
Planetary
(Warren Ellis / John Cassaday)
“Има една група стрипови, во најголем дел култни наслови, кои себично ги чувам на мојата 2read листа. Не дека имам нешто попаметно за читање ама заради глупави „принципи“ ги оставам за времиња во кои ќе биде прикладно да се читаат. Демек, еден ден, ќе имам камин и луле и ќе дојде времето конечно да го исчитам V for Vendetta. После долги години се освестив дека никогаш нема да дојде таков период, а и да дојде сигурно нема да го користам за читање стрипови. Па конечно почнав да шкртам наслови од таа листа и меѓу првите кои отидоа беше Planetary на Ворен Елис и Џон Касадеј, стрип за кој не знаев апсолутно ништо освен кредибилитетот на авторите и фактот дека е само 25 броја.
На прво седнување, Planetary се чита како стрип за група агенти чија работа е да ги демистифицираат големите тајни на 20тиот век. Тајни кои на сите ни се познати преку книгите и стриповите кои ги читаме, филмовите кои ги гледаме или музиката која ја слушаме, ама решително ги препишуваме на фантазијата на поединции. Тимот на Planetary има задача токму тие тајни да ги разоткрие и поврзе во една огромна завера која трае повеќе од 100 години. Но само еден слој подолу во стрипот и откриваме дека Planetary е многу, многу повеќе од тоа. Целосната нарација на стрипот е всушност пресек на сѐ она што нѐ дефинирало како човештво низ поп културата во 20тиот век. Од почетоците со авантуристичките романи како Sherlock Holmes, Tarzan, Dracula, па преку pulp романчињата и нивните Flash Gordon, Mandrake, The Shadow, Green Hornet, The Lone Ranger… Па и сите оние предвоени и воени опоненти на режимот наречен рестрикции на имагинацијата. Било тоа да е последниот син на Криптон, Мрачниот витез од Gotham или супериорниот војник со американско знаме на градите. Тука е и шокот наречен Marvel, отсликан во форма на фамозната 4ка – тим вселенски истражувачи кои во најмала рака може да се каже дека го манипулираат, реформираат и контролираат 20тиот век почнувајќи од 1961 (неслучајно избрана година која се поклопува со првиот број Fantastic Four). Нивниот масакр на старите вредности и херои како Superman, Batman и Wonder Woman, себичното чување на технологијата… Сѐ е тоа само дел од гревовите препишани на 4ката. Главната приказна во Planetary е токму конфликтот меѓу Сноу, најновиот член на тимот, и таа 4ка.”